Повик за консултација за новиот Закон за заштита на личните податоци

Вторник, Јули 25, 2017

Дирекцијата за заштита на личните податоци ја известува пошироката јавност дека во насока на навремено и целосно усогласување на законодавството на Република Македонија во областа на заштитата на личните податоци со правото на Европската унија, изработи работен текст на новиот Закон за заштита на личните податоци со кој целосно ќе се транспонираат решенијата содржани во Општата регулатива за заштита на личните податоци на Европскиот парламент и Советот на Европската унија (ЕУ) 2016/679.

Општата регулатива за заштита на личните податоци е донесена  на 27 април 2016 година со што се отворени реформските процеси во областа на заштитата на личните податоци, при што истата е со транзиционен период од две години, односно истата во Европската унија ќе започне да се применува од 25 мај 2018 година.

Како би се обезбедила целосна транспарентност, отчетност и инклузивност во процесот на донесување на новиот закон, Дирекцијата со ова соопштение ги повикува сите заинтересирани страни на активен придонес во финализирање на конечниот текст на Законот. Работниот текст на Законот може да го најдете на следниот линк, при што Вашите предлози и сугестии за подобрување на текстот на Законот се добредојдени и истите можете да ги доставувате по електронски пат на следната електронска пошта: novzakon@privacy.mk