Бришење на личните податоци

Секој граѓанин има право да побара од контролорот кој води збирка на лични податоци дополнување, измена или бришење на неговите лични податоци, доколку истите се нецелосни, неточни или неажурирани и доколку нивната обработка не е во согласност со закон (член 14 од Законот за заштита на личните податоци).

За да го остварите ова право потребно е поднесете барање до контролорот. Не постои посебен образец како би требало да изгледа ова барање, но пожелно е покрај Вашите лични податоци точно да ги наведете и личните податоци кои сакате да ги дополните, измените или избришете, а кои ги води контролорот.

Секогаш чувајте копија од барањата кои ги поднесувате до контролорите, но и од одговорите кои сте ги добиле, како и целокупната кореспонденција со контролорот.

Во случај кога контролорот ќе утврди дека личните податоци се нецелосни, неточни или неажурирани, должен е истите да ги дополни, измени или избрише и во рок од 30 дена од денот на поднесувањето на барањето писмено да Ве извести.