Права на субјектите на лични податоци

  • Да бидат информирани за обработката на нивните лични податоци

Во функција на транспарентност, контролорот има обврска да ги извести субјектите на лични податоци за целите и за правната основа на обработката на нивните лични податоци.

  • Да бараат пристап до податоците

Барањето за пристап до податоците мора да се достави во писмена форма и да содржи дополнителни податоци и информации, кои се неопходни за да се лоцираат бараните податоци.

Контролорот има обврска да им одговори на субјектите во рок од 15 дена од денот на приемот на барањето, при што нема обврска повторно да одговори на исто или слично барање на конкретен субјект, ако во меѓувреме нема промени во неговите лични податоци, освен ако изминале шест месеци од денот на доставувањето на претходното барање до новото барање.

  • Да бараат дополнување, измена, бришење или запирање на обработката на податоците

На барање на субјектите, контролорот е должен да ги дополни, измени, избрише личните податоци или да ја запре обработката на податоци, ако се нецелосни, неточни или неажурирани односно доколку нивната обработка не е во согласност со закон.

Независно од тоа дали субјектот има поднесено вакво барање, доколку контролорот утврди дека личните податоци се нецелосни, неточни или неажурирани, должен е истите да ги дополни, измени или избрише.

Контролорот е должен најдоцна во рок од 30 дена од денот на приемот на барањето, писмено да го извести субјектот за направените дополнувања, измени или бришења.

Заради постигнување баланс меѓу правото на приватност и важноста на државниот или јавниот интерес или општествената потреба може да се ограничат правата на субјектите на личните податоци. Со ЗЗЛП точно е утврдено дека овие права можат да се  ограничат поради: заштита на безбедноста и одбраната на државата; откривање и гонење на сторители на кривични дела; заштита од повреда на етички правила на одредена професија; заштита на важни економски или финансиски интереси на државата и заштита на правата и слободите на субјектот или правата на другите физички лица. 

Образецот Барање за пристап и исправка на лични податоци преземете го на следниот линк.