Соопштение во врска со активностите поврзани со различните иницијативи за собирање на потписи од граѓаните на Република Македонија

Петок, Септември 1, 2017

Во врска со активностите поврзани со различните иницијативи за собирање на потписи од граѓаните на Република Македонија кои поддржуваат или се против определени случувања, мерки и настани во Републиката, при што се собираат и лични податоци на потписниците, Дирекцијата за заштита на личните податоци на сите организатори, граѓански иницијативи и организации кои собираат потписи на граѓаните им УКАЖУВА за следното:

Согласно прописите за заштита на личните податоци за наведените случаи само по претходно добиена согласност може да се собираат следните категории на лични податоци:

- Име и презиме,

- број на лична карта,

- и адреса доколку е неопходна.

Притоа согласноста од страна на граѓаните кои се согласиле да се обработат нивните лични податоци, треба да може да се докаже од страна на организаторите, а тоа во случајов може да биде своерачниот потпис на граѓанинот чии податоци се обработени.

Секоја друга обработка на личните податоци, различни од погоре наведените  при собирањето на потписи од граѓаните (како што е на пример собирањето на единствениот матичниот број на граѓаните) не е дозволена, согласно принципите и начелата за заштита на личните податоци.

Исто така, Дирекцијата УКАЖУВА со собраните лични податоци да се постапува согласно прописите за заштита на личните податоци, односно истите да се обработуваат само за целта за која што се собрани, да се спречи неовластена употреба на истите и по исполнување на целта за која што се собрани личните податоци, истите да се бришат односно да се уништи документацијата која ги содржи овие лични податоци. 

Дирекцијата за заштита на личните податоци како самостоен и независен државен орган за заштита на личните податоци во Република Македонија, покрај вршењето на инспекциските надзори над обработката на личните податоци дава укажувања, препораки, мислења со цел да се воспостават добри практики во работењето на контролорите кои се во согласност со прописите за заштита на личните податоци, а во случаите кога се постапува на начин спротивен на прописите за заштита на личните податоци, Дирекцијата презема соодветни активности и мерки, согласно своите надлежности.