Соопштение до медиумите во врска со лажни наградни игри на социјалните мрежи

Понеделник, Март 4, 2019

Дирекцијата за заштита на лични податоци информира дека во рамки на остварувањето на своите законски надлежности забележува зголемена активност на организирање лажни наградни игри преку социјалните мрежи (Facebook, Instagram…). При тоа на граѓаните им се ветуваат различни видови на награди, а за возврат од нив се бара да ги откријат своите лични податоци како што се име и презиме, адреса, фотографија, број на лична карта, матичен број,  податоци од платежни картички, како и копии од лични документи. 

Дирекцијата советува граѓаните да бидат исклучително внимателни при откривањето на своите лични податоци на интернет, затоа што постои зголемен ризик истите да бидат злоупотребени за други незаконски цели.

Дирекцијата апелира граѓаните да бидат внимателни и да не ги доставуваат своите лични податоци преку интернет на непознати или недоволно познати лица без да проверат дали објавената информација за наградна игра е точна. Во овој контекст истакнуваме дека во вакви случаи најчесто се користат техники на компјутерски базиран социјален инженеринг како што се „phishing“ и „pharming“. Овие облици на измама опфаќаат збир на активности од неовластени испраќачи, преку користење лажни пораки од е-пошта (phishing), или користење на лажни веб страници (pharming), или користење на лажни профили на социјалните мрежи, обидувајќи се при тоа од корисниците да добијат доверливи лични податоци.

За жал, голем е бројот на корисници кои не се запознаени со овој вид на измами, при што доколку натрапниците еднаш дојдат до доверливите податоци, тие, или сами ги користат за одредени, најчесто незаконски цели, или пак ги продаваат.

Во пораките најчесто се повикуваат на лажни веб страни, или лажни профили на социјалните медиуми кои според изгледот целосно одговараат на веб страните, односно профилите на легитимните компании (фирми). Оттука, апелираме при однесувањето на интернет, сите граѓани да постапуваат со соодветно зголемено внимание и да направат целосна проверка пред да се одлучи да се откриваат лични и други податоци.