Соопштение до јавноста

Денес, се одбележува 28 јануари - Светски ден на приватноста, односно денот на заштитата на личните податоци. По тој повод, имајќи ги предвид анализите на Дирекцијата за заштита на личните податоци кои покажуваат дека сѐ повеќе граѓани на Република Македонија своите активности ги остваруваат преку интернет сервиси и услуги (како што се на пример:

онлајн продавници, електронски услуги, електронски нарачки, електронско банкарство и електронско плаќање, социјални мрежи и медиуми, итн.), а во насока на што поголема заштита на приватноста и личните податоци, од измами и злоупотреби, Дирекцијата, како добра практика, при користењето на медиуми за електронска обработка на личните податоци го препорачува следното:

  • Секогаш заклучувајте го медиумот (системот) кога не го употребувате;
  • Користете силни, сложени лозинки за најава во системот;
  • Никогаш не ја запишувајте Вашата лозинка. Настојувајте таа да биде запаметена;
  • Никогаш не користете една иста лозинка за сите Ваши онлајн активности;
  • Секогаш користете последна верзија на безбедносни софтверски апликации;
  • Кога користите онлајн услуги кои бараат откривање на Вашите лични податоци, водете се според принципот на „здрав разум“, односно тоа што од Вас се бара да има логика;
  • Кога користите онлајн услуги кои бараат откривање на Вашите лични податоци, настојувајте тоа секогаш да се прави со помош на систем за криптирање (на пример да има „https://“ протокол);
  • Не отворајте ја електронската пошта од непознати испраќачи;
  • Направете си сигурносна копија (back-up) на податоците кои Вам ви се важни;
  • Користете безбедна безжична мрежа (Wi-Fi) за интернет.

Со почит, Дирекција за заштита на личните податоци

e-mail: info@privacy.mk

тел бр.+389 2 3230-635