Техничка помош за зајакнување на организациските и институционалните капацитети за заштита на личните податоци

Основна цел на овој проект е понатамошно јакнење на организациските и институционалните капацитети на Дирекцијата за заштита на личните податоци за подобра и поефикасна заштита на правото на приватност на социјалните мрежи, подобрување на услугите на социјалните мрежи во однос на заштитата на правото на приватност, подигање на јавната свест кај граѓаните за правото на приватноста при користење на интернетот, како и јакнење на нивното знаење во однос на современиот технолошки развој и новите прашања кои се поврзани со приватноста како што е cloud computing.

Преку овој проект Дирекцијата за заштита на личните податоци ќе обезбеди поддршка од Норвешкиот орган за заштита на лични податоци преку создавање на подобри механизми за заштита на личните податоци на социјалните мрежи, јакнење на свеста за приватноста и технолошкиот развој, како и јакнење на капацитетите на Дирекцијата за заштита на личните податоци преку обезбедување на поефикасен начин на заштита на лични податоци на интернет и социјалните мрежи.

Проектот ќе се имплементира преку две компоненти:

  • Првата компонента се однесува на заштитата на лични податоци преку социјалните мрежи. За таа цел ќе се формира тим во Дирекцијата за заштита на личните податоци кој ќе одговора по барањата на граѓаните на кои им се злоупотребени личните податоци или им е нарушена приватноста на социјалните мрежи. Покрај ова ќе бидат отворени и три инфо центри за заштита на личните податоци.
  • Втората компонента е наменета за вработените во Дирекцијата за заштита на личните податоци, контролорите и обработувачите со цел истите да се стекнат со знаење за Cloud computing и заштитата на лични податоци. Во рамки на втората компонента ќе биде организирана регионална конференција која ќе биде посветена на новиот технолошки развој и заштитата на личните податоци

Во изминатите години (повеќе од деценија) сведоци сме на револуција во комуникациите. Сè повеќе професионалната, но и приватната комуникација се одвива on-line и двонасочнo. Растечки е трендот на сè поголем број на услуги достапни оn-line, пропратени со голема количина на мултимедијални содржини. Во сево ова не заостануваат ниту државите кои нудејќи on-line услуги за своите граѓани од секаков вид придонесуваат за натамошен развој на дигиталното (информатичко) општество гледајќи во овој вид  на испорака на услуги средство за натамошни заштеди односно намалување на трошоците за обезбедување на услуги на граѓаните, како и средство за развој на нови и претходно недостапни услуги, често само преку интернет зашто на тој начин ќе бидат достапни независно од физичките ограничувања вклучувајќи ја територијалната ограниченост. Во вакво опкружување, се пројавува интерес за елаборација на појавите на социјалните мрежи и cloud computing концептот во врска со заштитата на личните податоци кои неминовно циркулираат на интернет во најразлични форми и контекст. Заштитата на личните податоци е предмет на интензивна глобалната дебата, предизвикана од вонредниот развој на информатичката технологија (ИТ), постојано растечкиот капацитет на производи за чување и процесирање на податоци и нивната меѓусебна поврзаност. Во оваа насока, а како дел од проектот, направена е Анализа за состојбата на организациските и институционалните капацитети за заштита на личните податоци.

Во склоп на проектот, направено е истражување на свесноста на компаниите за Cloud Computing во Македонија. Спроведено врз 249  компании со различен профил, резултатите од истото укажуваат на фактот дека терминот „cloud computing“  сè уште е недоволно познат, односно за истиот има само делумен степен на свесност меѓу компаниите.

Значењето на личните податоци и нивната заштита како основна цел на ова истражување составено од  два дела : квалитативен и квантитативен , се потврдува со тоа дека како најмала предност компаниите ја перцепираат безбедноста и контролата на податоците.

Квалитативниот дел од истражувањето, спроведен преку разговори со професионалци во ИТ сферата ги потврдуваат резултатите од квантитативниот дел, односно фактот дека оваа целна група за разлика од останатите е многу подобро информирана во врска со проблематиката, па особено оние кои нудат услуги од овој вид има поголеми шанси да ја предводат регулативата отколку само да ја следат. Секојдневното следење на проблематиката, комбинирано со секојдневните нови проблеми за кои треба да се наоѓа решение и потребата да се остане во границите на она што е законски дозволено ги прави најрелевантни за дооформување на регулативата за cloud computing која би било добро да го надмине нивото на политики, кон целосна контрола не само за чувањето туку и во поглед на пристапот до личните податоци.