Годишен извештај за работата на АЗЛП за 2020 година

Thumbnail: 
Description: 
Ова е шеснаесетти извештај по ред кој Агенцијата за заштита на личните податоци го доставува до Собранието на Република Северна Македонија. Годишниот извештај за работата на Агенцијата за заштита на личните податоци (во натамошниот текст: Агенција), дава преглед на сите активности кои се преземени во текот на 2020 година, со цел понатамошно подигнување и зајакнување на нивото на заштита на личните податоци од страна на контролорите и обработувачите на личните податоци, а особено во однос на спроведените супервизии и дадените мислења, како и преглед на преземените чекори за усогласување на македонското законодавство со законодавството на Европската Унија и на Советот на Европа во оваа област. Во 2020 година се одбележаа 15 години од основањето на Агенцијата како самостоен и независен државен орган, надлежен да врши надзор над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци на територијата на Република Северна Македонија со цел заштита на темелните права и слободи на физичките лица во однос на обработката на нивните лични податоци. Покрај изборот на нов директор на Агенцијата (на самиот крај на 2019 година), оваа година е значајна и особено поради донесувањето на новиот Закон за заштита на личните податоци кој беше усвоен од Собранието на Северна Македонија, а кој стапи во сила на 24 февруари 2020 година . Значајно е да се истакне дека Агенцијата по донесувањето на Законот, во специфични услови на пандемија, во мај 2020 година успеа да донесе и 13 дополнителни подзаконски акти и тоа: 1. Правилник за безбедност на обработката на личните податоци; 2. Правилник за содржината и формата на актот за начинот на вршење на видеонадзор; 3. Правилник за содржината на анализата на целта, односно целите за која се поставува видеонадзорот и извештајот од извршена периодична оценка на постигнатите резултати од системот за вршење видеонадзор; 4. Правилник за начинот на вршење на супервизија; 5. Правилник за пренос на лични податоци; 6. Правилник за обука за заштита на личните податоци; 7. Правилник за формата и содржината на службената легитимација и за начинот на нејзиното издавање и одземање; 8. Правилник за процесот на проценка на влијанието на заштитата на личните податоци; 9. Правилник за формата и содржината на барањето за утврдување на прекршување на одредбите од законот за заштита на личните податоци; 10. Правилник за начинот на известување за нарушување на безбедноста на личните податоци; 11. Правилник за известување за обработка на лични податоци со висок ризик; 12. Листа на видовите операции на обработка за кои се бара проценка на влијанието врз заштитата на личните податоци; 13. Листа на видовите операции на обработка за кои не се бара проценка на влијанието врз заштитата на личните податоци. Со наведените акти, се обезбеди целосно пропишување на упатствата за постапување на контролорите и обработувачите при обработката на личните податоци согласно новиот Закон за заштита на личните податоци, особено во однос на применувањето на техничките и организациските мерки за обезбедување на безбедност на обработката на личните податоци. Со оглед на тоа што веќе е во сила новиот Закон за заштита на личните податоците, најголем предизвик за Агенцијата, е да обезбеди дека новите правила за приватност и заштита на личните податоци ќе бидат приоритет за Република Северна Македонија. Свеста за заштитата на личните податоци и прашањата за приватноста, како и важноста за заштита на овие основни човекови права никогаш не била поголема, па оттука Агенцијата постојано работи на подигнување на свеста кај сите чинители во областа на обработката на личните податоци, како на страната на оние чии податоци се обработуваат – субјектите на личните податоци, така и на страната на оние кои ги обработуваат личните податоци – контролорите и обработувачите. Агенцијата, како и сите контролори и обработувачи на личните податоци имаат обврска да го усогласат своето работење со одредбите на новиот Закон за заштита на личните податоци најдоцна до 24ти август 2021 година. Овој датум е важен и во однос на обврската за усогласување на целокупното секторско законодавство што ја регулира обработката на личните податоци со новиот Закон за заштита на личните податоци. Како и во остатокот на светот, така и кај нас, во овој период Агенцијата беше исправена пред големиот предизвик кој го предизвика пандемијата со вирусот КОВИД-19, а кој несомнено го отежна почитувањето на фундаменталните права за заштита на личните податоци и приватноста. Агенцијата даде свој придонес преку објавување на препораки за заштита на личните податоци во контекст на пандемијата со КОВИД-19 и во текот на целата година продолжи со активности кои ја регулираат обработката на личните податоци и борбата против КОВИД-19. Основното начело на работата на Агенцијата за време на пандемијата тргнуваше од тоа дека од суштинско значење е да се обезбеди дека заштитата на личните податоци на никаков начин не може да биде пречка за спасување на човечки животи, како и дека подеднакво е клучно да се потврди дека и понатаму е применливо остварувањето на човековите права, а особено правата на приватност и заштитата на личните податоци.
Published Date: 
Понеделник, Март 22, 2021
Number of Pages: 
39pages