Матичен број на граѓанинот (ЕМБГ)

Покрај личното име, како ознака за идентификација на граѓаните, може да се користи и матичниот број на граѓанинот.

Матичниот број на граѓанинот е индивидуална неповторлива ознака на идентификационите податоци на граѓанинот и истиот може да се обработува само врз основа на претходна согласност на граѓанинот или под услови утврдени со закон. Формата, начинот на формирањето и обработката за користење на единствениот матичен број за сите граѓани во државата се утврдени со закон.

Преку матичниот број на граѓанинот лесно може да биде повредена приватноста на секој граѓанин, затоа треба да се внимава кога и за која цел се дава истиот.

Матичниот број на граѓанинот, може да се обработува при вршење на работи кои се однесуваат на добивање кредит или наплата на долг, осигурување, во рентиерските односи, кога се основа трговско друштво, во кредитни работи, здравствена и социјална заштита, вработување и други услуги во корист на субјектот на личните податоци. Матичниот број на граѓанинот може да се обработува и за историски и научни истражувања или статистички цели.

При обработување на матичниот број на граѓанинот, контролорот секогаш треба да внимава истиот да не биде непотребно видлив, печатен или преземен од збирка на лични податоци.