Европска Унија

Заштитата на лични податоци е една од фундаменталните вредности на Европската Унија и аспект на човековите права на кој таа му поклонува големо внимание. ЕУ има донесено неколку директиви кои се однесуваат на заштитата на личните податоци меѓу кои најважната е Директивата бр. 46/95.

Исто така, со цел да се обезбеди целосна и доследна примена на законодавството на ЕУ за заштитата на личните податоци од страна на неговите земји членки или пак од институциите на ЕУ, формирани се контролни тела и надзорни органи како што се Работната група 29 и Европскиот надзорен орган за заштита на личните податоци.

Во Европската Унија има неколку тела кои работат со голем обем на лични податоци. Такви се Шенгенскиот информационен систем кој е надлежен за контрола на надворешните граници на Европската Унија, Европол – европската агенција за соработка на органите за борба со криминалот и Eurojust – европската организација за меѓународна правна помош и соработка на судските органи и обвинителствата од различни земји.

За евентуалните спорови против институциите на Европската Унија од областа на заштитата на личните податоци, како и за толкување на нормите кои се однесуваат на истата област, надлежен е Европскиот суд на правдата.