Меѓународна соработка

Еден од приоритетите на Агенцијата за заштита на личните податоци е одржување на проактивна соработка на меѓународно ниво. Ваквата определба е детерминирана и како една од надлежностите на Агенцијата за заштита на личните податоци, предвидена со Законот за заштита на личните податоци, Член 41, став 1, алинеја 17, "остварува меѓународна соработка во областа на заштитата на лични податоци и учествува во работата на меѓународните организации и институции вклучени во заштитата на личните податоци".

Потребата за реализација на меѓународна соработка ја  налага и современиот технолошки развој, каде преносот и размената на податоци станува безвременска и за која непостојат граници.  Денес, во ера на воспоставување еднакви стандарди во секоја област, вклучително и во заштитата на приватноста и на личните податоци, од степенот на воспоставената меѓународна соработка зависи и идниот развој на посебните органи за гарантирање на правото на приватност, каков што е Агенцијата за заштита на личните податоци.

Следењето на основните документи од оваа област и тоа  Директивата 95/46/EC на Европскиот Парламент и на Советот за заштита поединците во однос на обработката на личните податоци и на слободниот проток на таквите податоци и Конвенцијата 108 за заштита на лица во однос на автоматска обработка на личните податоци на Советот на Европа, е начинот кој ја обезбедува усогласеноста на Агенцијата а со европските стандарди за заштита на личните податоци.

Активност на која посветуваме должно внимание е учеството на Агенцијата во работата на меѓународните органи и тела за заштита на личните податоци. Преку активна партиципација, размена на мислења, директно придонесуваме во креирање на идните текови за заштита на приватноста. Ги потенцираме условите во кои се заштитуваат личните податоци кај нас и   сме во можност да ги следиме тековно наметнатите потреби за примена на механизми и стандардни во заштитата на личните податоци.

Воедно, Агенцијата воспоставува билатерална соработка со земјите членки на Европската Унија и од регионот. Непосредната соработка ни овозможува размена на знаења и искуства со колегите од другите земји, преку што најсоодветно го наоѓаме патот за ефективно и ефикасно работење, ги прилагодуваме новите методи во работата на нашите услови, ги споделуваме искуствата и црпиме знаења за подобро работење. Досега преку воспоставената билатерална соработка Агенцијата за заштита на личните податоци има потпишано 14 Декларации за соработка, и тоа со органите за заштита на личните податоци од  Бугарија, Црна Гора, Германија (Берлин), Данска, Литванија, Полска, Романија, Хрватска, Италија, Словенија, Чешка, Русија, Косово и Естонија.

Агенцијата е рамноправна членка со право на глас во Консултативниот Комитет (T-PD) на Советот на Европа на Конвенцијата за заштита на поединците во однос на  автоматска обработка на личните податоци, Европската конференција за заштита на личните податоци (Пролетна Конференција), Конференцијата на Централно и Источно Европските органи за заштита на личните податоци, Работната Група за полиција и судство, Меѓународната Конференција на комесарите за заштита на личните податоци и риватноста, Меѓународната работна група за заштита на личните податоци  во областа на телекомуникациите,  case handling работилниците. Исто така, Агенцијата има статус на набљудувач во Работната Група 29 на Европаската Унија.