Посебни категории на лични податоци

За одделни категории на лични податоци со Законот за заштита на личните податоци е предвидена посебна заштита, како што се:

  • расно потекло;
  • религиозно уверување;
  • политичко мислење;
  • национална припадност;
  • членство во синдикална организација;
  • податоци за здравствената состојба;
  • биометриските податоци; и
  • податоци за сексуалниот живот.

Посебната заштита која ја уживаат овие категории на лични податоци произлегува од фактот што со нивната злоупотреба и неовластено користење и откривање се кршат и останатите фундаментални човекови права, а не само освен правото на заштита на личните податоци.

Обработката на посебните категории лични податоци е забранета, освен:

  1. Кога физичкото лице писмено ќе се согласи;
  2. Кога е потребно спроведување на конкретни права и обврски од областа на трудовото право;
  3. Кога обработката е потребна за заштита на животот или на физичкиот и морален интегритет на субјектот на личните податоци;
  4. Кога физичкото лице претходно јавно ги објавило;
  5. Кога тоа е потребно заради стекнување, остварување и заштита на правата на физичкото лице во постапка пред надлежни органи;
  6. За медицинска превенција, дијагноза, лекување или управување со здравствена установа и се врши од страна на лице чија професија е давање здравствена заштита под заклетва на чување на тајност на податоците за кое дознало во вршењето на неговата професија итн.