Економија и финансии

Кредит

Кога поднесувате барање за одобрување на користење на кредит, потребно е да пополните образец во вид на формулар. При пополнување на формуларот од различни причини (најчесто поради незнаење или поради потреба од одобрување на кредитот) не се внимава на видот и обемот на личните податоци што банките или други финансиски институции ги бараат за одобрување на кредитот.

Со секојдневното пополнување на разни формулари ја откривате Вашата приватност. Личните податоци се клуч на приватноста на секое лице.

Кои лични податоци граѓанинот треба да ги даде заради одобрување на кредитот?

Во формуларот за одобрување на кредит мора да биде наведено дали одговорите на прашањата се задолжителни или доброволни; можните последици доколку не се одговори; дали податоците ќе се даваат на користење на други фирми, организации или лица; како и дали се согласувате Вашите лични податоци да со користат за директен маркетинг.

 

Треба да ги откриете само оние лични податоци кои се задолжителни, а доброволните можете да ги пополните само доколку сакате. На пример, доколку се бара да се наведе телефонски број (домашен, мобилен, од работа...) треба да одлучите, кој телефонски број ќе го наведете или ќе ги наведе сите.

Кога станува збор за посебните категории на лични податоци, банките или другите финансиски институции може да ги обработуваат истите само ако постои законски основ за тоа или сте дале претходно писмена согласност за нивна обработка.

Доколку личните податоци кои се содржани во кредитните досиеја се обработуваат спротивно на законот или се незаштитени, лесно можат да ја нарушат приватноста и имотот на граѓаните.

Кога финансиските институции имаат право да задржат копија од личниот документ на субјектот на лични податоци?

Согласно Законот за спречување на перење пари („Службен весник на РМ“ бр. 46/04) банките и другите финансиски институции имаат право да задржат копија од личниот документ на граѓаните (лична карта или патна исправа, но не и копија на двата документа истовремено) во следните ситуации:

  • при воспоставување на деловен однос (на пример: отварање сметка или штедна книшка, прием на чување на акции, обврзници или други хартии од вредност, овозможување на користење на сефови, управување со имот или прием на уплата во име на трето лице);
  • при секоја транскација во износ од 15.000 евра;
  • кај поврзани транскации во износ од 15.000 евра на денот на вршењето на трансакцијата и
  • секогаш кога постои основа за сомневање за перење пари.

Личните податоци се чуваат 10 години по извршената трансакција.

Идентификација на субјектот на лични податоци при менувачки работи.

Според Законот за спречување на перење пари банките, менувачниците или други финансиски институции се должни да го утврдат идентитетот на клиентот при трансакција која вклучува сума поголема од 2500 евра.

Личните податоци се чуваат 10 години по извршената трансакција.