Директен маркетинг

Директниот маркетинг најчесто се дефинира како „Испраќање на промотивни материјали по пошта или телефон до поединечни домаќинства или претпријатија„ или „испраќање на промотивни пораки директно до потрошувачите, наместо тоа да се прави преку некој масовен медиум, вклучувајќи ги тука методите како директно испраќање на пошта или телемаркетинг„.

При користење на директниот маркетинг како средство за рекламирање треба да се внимава да не се повреди приватноста на граѓаните. Најчесто тоа се случува со формирање на збирки на лични податоци кои содржат одредени карактеристики на лицата, како што се возраста, полот, имотната состојба, потрошувачките навики. Поседувањето на лични податоци за лицата без нивна согласност и нивно користење за комерцијални цели е спротивно на Законот за заштита на лични податоци (т.н. „opt-in„ принцип). При користење на личните податоци за комерцијални цели, субјектот на личните податоци има право во секое време да ја повлече својата согласност за користење на истите (т.н. „opt-out„ принцип), со користење на едноставни средства. Така, доколку се јавите на некој потенцијален клиент треба да му оставите можност да се изјасни дали сака или не сака да ја чуе вашата понуда.