Видео надзор

 

Во последно време камерите и видео надзорот станаа дел од нашиот секојдневен живот. Често пати, без да знаеме, не снимаат на најразлични места – кога подигаме пари од банкомат, кога седиме во некое кафуле, кога одиме на лекар, кога одиме на училиште или факултет, кога полниме бензин на бензинска пумпа, кога влегуваме во банка, трговски центар, приватна куќа, на улици или во продавница. Камерите (вешто прикриени и дискретни) сепак собираат лични податоци за нас. Тие го снимаат нашето лице, времето кога сме се појавиле на тоа место, возилото со кое сме дошле и дали сме сами или не.

Согласно Законот за заштита на личните податоци, субјектот на личните податоци треба да биде информиран кога податоците се обработуваат за него. Според тоа, објектите што се под видео надзор треба да истакне известувања дека се под видео надзор. Известувањето треба да биде јасно, поставено на видливо место и истакнато на начин што ќе им овозможи на субјектите на личните податоци да се запознаат дека се врши видео надзор. Известувањето треба да содржи информации дека се врши видео надзор, за тоа кој го врши видео надзорот (називот на контролорот), начинот на кој може да се добијат информации за тоа каде и колку време се чуваат снимките од системот за видео надзор.

Контролорот може да врши видео надзор само на просторот кој е доволен за исполнување на целите за кои е поставен. Тоа значи дека ако се поставува видео надзор заради заштита на сопственоста или контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории целта ќе се постигне со поставување на камерите само на влезовите од објектот, а не и во ходниците, салите за состаноци, канцелариите, предавалните, холовите и сл. Секогаш кога се поставува видео надзорот треба да се почитува правото на приватност на вработените, клиентите, учениците, студентите, пациентите, купувачите и останатите категории на субјекти на лични податоци. Препорака од Дирекцијата за заштита на личните податоци е до сите контролори кои имаат намера да постават видео надзор да побараат мислење од Дирекцијата дали бројот на камерите и местата каде ќе се поставува видео надзорот е доволен за исполнување на целта за која е поставен истиот.

Снимките направени при вршење на видео надзорот се чуваат до исполнување на целите за кои се врши, но не подолго од 30 дена, освен ако со друг закон не е предвиден подолг рок.

Контролорот може да врши видео надзор во неговите службени или деловни простории ако тоа е потребно за: заштита на животот и здравјето на луѓето, заштита на сопственоста, заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата или обезбедување на контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории. Работодавецот мора да го почитува начелото на пропорционалност во однос на целта за која се поставува видео надзорот. Вработените имаат право да знаат каде и кога се снимани, односно контролорот задолжително треба да ги извести за вршењето на видео надзор во службените или деловни простории.

Забрането е вршење на видео надзор во гардероби, соблекувални, санитарни чворови, лифтови и други слични простории.