Интернет

Објавување на фотографии без согласност

Едно лице поведе постапка пред Комисијата заради објавување на негови фотографии без негова согласност на една од веб страниците со забавен и маркетиншки карактер на кој се објавуваат фотографии од ноќниот живот во повеќе градови во земјата. Лицето се обратило до e-меил адресата наведена за контакт на таа веб страница и побарало фотографиите да бидат симнати, меѓутоа не добило никаков одговор на своето барање. Во овој случај стануваше збор за домеин кој е регистриран во странство, меѓутоа администраторот на веб страницата ја врши обработката во Република Македонија. Дирекцијата ги презема сите соодветни мерки и фотографиите беа отстранети уште во текот на постапката.

Крадење на идентитет на интернет

Еден од поактуелните случаи е случајот на крадење на идентитет на интернет. На една од страните со забавен и маркетиншки карактер, креиран е кориснички профил, односно, лични податоци се искористени за креирање на профил без знаење и согласност на лицето. Овие интернет страни функционираат на принцип на креирање на кориснички профили каде лицата се регистрираат преку внесување на лични податоци во наведени задолжителни и доброволни полиња. Во конкретниот случај, без согласност од лицето беа објавени неговото име и презиме, фотографии, податоци за пол и возраст, боја на очи, висина, тежина и место на живеење. Овој домеин е регистриран во Република Македонија и лицето се обратило со барање лажниот профил да биде избришан, меѓутоа по неговото барање не беше постапено. По преземените дејствија на Дирекцијата, уште при првото обраќање лажниот профил беше избришан.

Злоупотреба на лозинка

Уште еден пријавен случај сличен на претходниот е пријава на лице кое креирало кориснички профил и објавило свои лични податоци и фотографии на страната со домеин регистриран во САД, а чија лозинка за пристап до профилот е злоупотребена и променета, па на профилот се објавуваа содржини кои сериозно ја нарушуваа приватноста на лицето. Дирекцијата нема надлежност да поведе постапка против овој контролор, но како орган кој ја штити приватноста на сите граѓани на Република Македонија веднаш се обрати до тимот на порталот и профилот беше веднаш избришан.

Креирањето на лажни профили

Исто така, како еден од најчестите случаи на злоупотреба на личните податоци е и креирањето на лажни профили на интернет порталите, преку кои креаторите на овие лажни профили комуницираат со други лица, претставувајќи се во името на засегнатото лице. Во изминатиот период Дирекцијата постапуваше по неколку вакви претставки, за лажни профили на познати личности од Република Македонија. Овие профили беа креирани на портали кои што не се регистрирани во нашата држава и кои не потпаѓаат под нашето законодавство, но сепак Дирекцијата како орган кој ја штити приватноста и личните податоци на граѓаните, стапи во контакт со тимовите за поддршка на овие портали и профилите беа отстранети од нивните интернет страници.

Компромитирачки видео материјали

Ви изминатиот период во Дирекцијата пристигна претставка од едно лице за повреда на неговата приватност и лични податоци на еден портал за наменет за видео материјали. Имено, во име на засегнатото лице, некој поставил компромитирачки видео материјал – клип, преку кој се нарушува честа и угледот на лицето опфатено со видеото. Истото поднесе претставка до Дирекцијата за отстранување на материјалот, која пак постапувајќи слично како и во другите случаи, го поднесе истото до тимот за поддршка на порталот. Притоа како одговор добивме детално објаснета постапка за бришење на конкретниот видео материјал која мора засегнатото лице самото да ја изврши бидејќи се бара неговите лични податоци да бидат внесени. Сето ова е наведено во условите и постапките за користење на овој порталот, во делот за заштита на приватноста.

Украдена лозинка на електронска адреса

Сличен на погоренаведениот случај е и случајот кога едно лице поднесе претставка за украдена лозинка на електронска адреса. Дирекцијата можеше да постапува до одреден момент, следејќи ги упатствата на порталот, но сепак, постапката мораше да продолжи со наведување на личните податоци и помошна електронска адреса преку која тимот за поддршка на порталот ќе контактира со засегнатото лице. Сепак и овој случај беше успешно решен и конкретната електронска адреса беше избришана од базата на податоци на интернет порталот.