Ало, рецепција?

Пишува: м-р Елена Стојановска, советник за меѓународна соработка и односи со јавноста во Дирекција за заштита на личните податоци

Кои лични податоци може да ги собираат хотелите за своите гости и дали смеат да задржуваат патна исправа на странски гости и/или лични карти на домашни гости?

Различната практика на работа на хотелите често кај гостите отвора дилеми за тоа кои лични податоци треба да ги дадат при пријавувањето во хотел, дали рецепционерите смеат да ја задржат личната карта и/или патната исправа?!

Обврската на гостите да дадат лични податоци при пријавување во хотел е јасна, но она што прави забуна е обемот на лични податоци кој е потребен и доволен за хотелот.

Согласно нашиот Закон за угостителската дејност, хотелите водат Книга на домашни гости и Книга на странски гости кои пак согласно Законот за заштита на личните податоци се збирки на лични податоци. Книгата на домашни гости ги содржи податоците за реден број, презиме и име, датум и место на раѓање, постојано место на живеење и адреса, број на лична карта, број на соба, ден на доаѓање, ден на заминување и забелешка. Книгата за странци ги содржи податоците за реден број, име и презиме, датум на раѓање, место и држава на раѓање, државјанство, вид и број на патна исправа, вид и број на дозвола за престој, рок на важење на дозволата за престој, адреса и стан, сопственик на стан, адреса на сопственикот, датум на пријавување, датум на влез во Република Македонија и граничен премин. Овие книги треба да се чуваат заклучени, а пристапот до нив да му биде дозволен само на рецепционерот кој во моментот е на работна должност.

Следејќи ја оваа одредба и начелата за заштита на личните податоци, задржувањето на личната карта на домашните гости или патната исправа на странските гости не е во согласност со закон, односно, овие документи може да бидат побарани на увид за од нив да се впишат потребните податоци, но не и да се задржат завреме на престојот на гостинот во хотелот.

Хотелите имаат обврска и за пополнување на образец согласно Законот за пријавување на живеалиштето и престојувалиштето на граѓаните и негово доставување до Министерството за внатрешни работи, со кој се доставуваат податоци за презиме и име, ден, месец, година, место и општина на раѓање, постојано место на живеење, број на лична карта, дата и час на сместувањето, забелешка, потпис на корисникот на услугите и потпис на портирот-станодавецот. Хотелите како контролори на збирки на лични податоци имаат обврска да донесат акти за технички и организациски мерки за обезбедување на тајност и заштита на личните податоци како и правилник за начинот на вршење на видео надзорот како исклучително важен сегмент од нивното работење.

Видео надзорот во хотелите може да се користи заради безбедносни цели и заштита на сопственоста и да биде поставен во службените и деловните простории на хотелот, како и на просторот околу хотелот, но никако не смее да ја наруши приватноста на гостите. Пристапот до просторијата за видео мониторинг треба да е регулиран и ограничен само на овластени лица кои имаат потпишано изјава за тајност и заштита на обработката на личните податоци преку системот за видео надзор.

Со цел подобро запознавање на хотелите и туристичките агенции со обврските кои за нив произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци, Дирекцијата за заштита на личните податоци и Стопанската комора за туризам на Македонија потпишаа Меморандум за соработка согласно кој се организираат обуки за тајност и заштита на обработката на личните податоци.

Целта на овие обуки е да се интензивираат активностите во насока на Законот за заштита на личните податоци, примената на документацијата за технички и организациски мерки за обезбедување тајност и заштита на обработката на личните податоци и имплементацијата на одредбите кои се однесуваат на обработката на лични податоци преку системи за видео надзор.