Спроведување на вредностите на Европравда

Пишува: м-р Марјана Поповска, инспектор за заштита на личните податоци во Дирекција за заштита на личните податоци

Европравда е тело на Европската Унија основано во 2002 година со сопствен правен субјективитет и седиште во Хаг, Кралство Холандија. Основна мисија на Европравда е зајакнување на ефективноста на институциите на земјите членки надлежни за истрага и гонење на сериозни облици на транснационален и организиран криминал. Eвроправда има уникатна улога во правната област на Европската Унија и главната цел е да го унапреди развојот на пан-европска соработка за кривични случаи.

Во текот на 2008 година Република Македонија ги започна преговорите со Европравда со цел склучување на Договор за соработка. Притоа, во текот на преговорите беше оценето дека една од главните претпоставки за склучување на овој договор е воспоставување на адекватен систем на заштита на личните податоци во Република Македонија во органите со посебни овластувања согласно закон, што резултираше со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на личните податоци и бришење на делот содржан во Законот за ратификација на Конвенцијата за заштита на физичките лица во поглед на автоматската обработка на личните податоци, а кој се однесува на тоа дека оваа Kонвенција нема да се применува при водење на кривична постапка. По завршување на овие процеси на 28 ноември 2008 година беше потпишан Договорот за соработка помеѓу Република Македонија и Европравда (EUROJUST) и објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр. 51 од 2009 година.

Согласно одредбите на членот 17 од Законот за ратификација на Договорот за соработка меѓу Република Македонија и Европравда (EUROJUST) утврдено е дека националниот орган за заштита наличните податоци (во конретниот случај: Дирекцијата за заштита на личните податоци) во Република Македонија поднесува Извештај на годишно ниво до Европравда за состојбите во областа на правосудството (јавните обвинителства) во однос на имплементација на прописите за заштитаналичните податоци. Целта на овој Извештај е да се презентира фактичката состојба во јавните обвинителства во РМ во однос на применувањето на прописите за заштита на обработката на личните податоци.

Тргнувајќи од потребата за изнаоѓање на соодветниот баланс меѓу легитимната обработка на личните податоци при преземањето мерки и активности во борбата против тероризмот и организираниот криминал и заштитата на приватноста на поединците, регулирањето на заштитата на личните податоци е од огромно значење и за остварувањето на соработка со Европравда. Притоа, за да се премине кон оперативна соработка со Европравда потребно е претходно да биде воспоставен адекватен систем за заштита на личните податоци во областа на правосудството.

Со цел изготвување на овој Годишен Извештај во однос на применувањето на прописите за заштита на личните податоци од страна на јавните обвинителства, а согласно Годишната програма на Дирекцијата за заштита на личните податоци и Месечните планови за вршење на инспекциски надзори во текот на 2013 година (март, април, мај, јуни) беа спроведени 30 редовни инспекциски надзори над законитоста на преземените активности при обработката на личните податоци и нивната заштита во јавните обвинителства, при што беа опфатени и Јавното обвинителство на Република Македонија, Советот на јaвните обвинители на Република Македонија, Академијата за судии и јавни обвинители, Вишите јавни обвинителства (вкупно 4), Основните јавни обвинителства (вкупно 22) и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Предмет на анализа во текот на инспекциските надзори беа збирките на лични податоци кои што јавните обвинителства ги водат при извршувањето на нивните надлежности утврдени со прописите за јавните обвинителства (лични податоци за осомничени/обвинети/осудени лица, сведоци, жртви, оштетени, ополномоштени лица) и збирките за видео надзор.

Изготвувањето на овој Извештај за имплементацијата на прописите за заштита на личните податоци од страна на јавните обвинителства и неговото доставување до Европравда е од круцијално значење за нашата држава во процесот на пристапување кон Европската Унија. Ова особено е важно што потребата за размена на лични податоци помеѓу Европравда и јавните обвинителства може да се спроведе единствено доколку се применуваат основните правила во меѓународната размена на податоци, а тоа се доставените податоци да се проверени, да е одредена нивната точност или веродостојност, да се ажурирани, како и да постои правен основ за нивната размена.

Дирекцијата за заштита на личните податоци активно учествуваше во донесувањето на новиот Закон за кривичната постапка, постојано укажуваше на потребата од постоење на баланс помеѓу јавниот интерес, односно мерките што треба да се преземаат во борбата против криминалот и почитувањето на правото на приватност од страна на органите за спроведување на законот.

 

Во таа насока и Државниот јавен обвинител на Република Македонија, г. Марко Зврлевски, изјави:

 

„Во борбата против криминалот и тероризмот не треба да се заборави на основните човекови права и слободи, напротив потребно е за нив да се обезбеди заштита. Следствено на ова, во глава XV од новиот Закон за кривична постапка, кој почнува со примена од 01. 12. 2013, се вградени одредби за заштита на личните податоци во кривичната постапка кои се однесуваат на обработка на личните податоци од страна на Судот, обвинителството и другите органи со посебни овластувања.

Во таа насока, воспоставувањето на правната рамка за обработка на личните податоци од страна на јавните обвинителства за потребите на кривичната постапка е особено значајна, поради што од страна на јавните обвинителства е посветено посебно внимание со цел да се усогласиме со европските и светските стандарди. За да постапуваме согласно стандардите изразуваме подготвеност да ги прифатиме сугестиите, препораките и укажувањата на релевантните и надлежни институции, особено на Дирекцијата за заштита на лични податоци.“