Шенгенски граничен кодекс – Предизвик за заштита на лични податоци

Пишува: м-р Снежана Трајановска, вработена во Министерство за внатрешни работи, Секторот за ЕУ и меѓународна соработка

Во време кога движењето на луѓето и материјалните добра преку границите претставува еден од основните постулати на современото живеење, уредувањето на стандардите и унифицирање на пристапот во вршењето на гранична контрола, за ЕУ долги години претставуваше своевиден предизвик. Дури во 2006 година за првпат е донесен сеопфатен документ што на систематски начин ги поставува правилата за слободно движење на луѓе, во делот на ЕУ без внатрешни граници – Шенген зоната. Покрај тоа, дефинирањето на “заедничкиот корпус“ на законодавството, како една од основните политики на Унијата во управувањето со надворешните граници резултираше со донесувањето на Шенгенскиот граничен кодекс, односно Кодексот на Заедницата за правилата што го уредуваат движењето на лица преку границите.[1] Од тогаш до сега, овој важен документ претрпе неколку измени и дополнувања.[2] Документот е целосно обврзувачки и директно применлив во сите земји-членки на ЕУ, согласно со Договорот за воспоставување на Европската заедница.

 Шенгенскиот граничен кодекс како исклучително комплексен документ, дава широка основа за толкување на опсегот и примена на правата на луѓето во пракса, но, не навлегува во подетална разработка на суштинските (и условно земено, деликатните) елементи што можат да произлезат при имплементација на истиот. Имено, релативно лимитираните информации во поглед на заштитата на човековите права и слободи, меѓу кои и заштитата на личните податоци, неизбежно отвараат еден нов “фронт“ за сите субјекти што учествуваат во имплементација на документот, темелно да се посветат на проучување на суштината и на референтните документи на кои што упатува Шенгенскиот граничен кодекс, со цел правилно спроведување на неговите одредби во пракса. На пример, додека во основниот документ од 2006 година, во точка 20 од преамбулата се наведува дека “оваа Регулатива ги почитува основните права и ги следи признаените начела, особено на Повелбата за фундаментални права на Европската унија. Таа ќе се применува согласно обврските на земјите-членки во врска со меѓународната заштита и не-враќање.“, со измените од јуни 2013 година, воведен е посебен член 3-а со наслов Фундаментални права, во кој што многу подетално се објаснува опсегот на обврските на земјите-членки. Имајќи предвид дека една од основните слободи нотирана во Повелбата  за фундаментални права на Европската унија е и заштитата на личните податоци, при што со Лисабонскиот договор[3], таа се стекна со правно задолжителна сила еднаква на онаа што ја имаат основачките Договори, јасно е на каков степен е подигнато значењето на примената на оваа слобода.

Базите на податоци со кои што најмногу се оперира при вршењето на граничната контрола во ЕУ, се VIS (Визен информациски систем), SIS (Шенгенски информациски систем) и EURODAC (база на податоци за отпечатоци на прсти на баратели на азил и илегални мигранти). На пример, Шенгенскиот граничен кодекс во член 5 предвидува задолжителна проверка во SIS како еден од чекорите при одлучување за влез во Шенгенскиот простор, подразбирајќи дека натамошните постапки од страна на службеното лице ќе бидат согласно насоките нотирани во наведениот оперативен систем. Доколку за лицето постои “предупредување“ во SIS, на истото согласно член 13 му се одбива влез. Службените лица кои вршат гранични проверки, мора темелно да ги познаваат правата и обврските на овие лица, особено кога се работи за погрешно внесени лични податоци, неажуриран престанок на важењето на “предупредувањето“, случаи на кражба на идентитет и слично. За да се постигнат потребните стандарди во вршење на гранична контрола што се однесуваат на наведените елементи, неопходни се постојани обуки, професионална и стручна надградба, искуство и целосна посветеност на секој поединечен случај. Притоа, ефикасноста во работењето никако не смее да биде попречена ниту со зголемен обем на работата, ниту со можеби намален број на извршители, недостиг на техничката опрема или со некоја друга околност.

Сето наведено е предуслов (а можеби не е претерано ако се каже и sine-qua-non) за успешна примена на само една алинеја од Шенгенскиот граничен кодекс, сублимирана во “три букви“, зад кои стои огромна база на податоци и каде што заштитата на личните податоци е подложена на ригорозни стандарди. Лицето чии што податоци се внесени во SIS, има право да побара пристап и да се увери дека истите се точни и внесени согласно законот, освен кога се работи за преземање законски мерки во врска со “предупредувањето“ и заштита на правата и слободите на други лица. Во спротивно, засегнатото лице има право да побара исправка или бришење на истите. Вакво барање може да се поднесе до надлежниот орган на било која држава од Шенгенската зона или до конзуларното претставништво на некоја од овие држави. Уште повеќе, обврската на секоја држава да формира посебно тело одговорно за внесување и користење на податоци во SIS (тнр. СИРЕНЕ биро) дополнително покажува колкаво значење е дадено на менаџирање со оваа база на податоци.[4] Но, тоа е тема што заслужува посебен осврт и анализа.

Слична е состојбата и со другите две наведени бази на податоци (VIS и EURODAC), и токму досегашната пракса во секојдневното работење на надворешните граници на ЕУ, доведе до покренување на прашањето за нивното обединување во една база.[5]   

Регистрирање на информации од страна на граничните премини е уредено со посебен анекс во рамките на Шенгенскиот граничен кодекс. Имено, анекс 2 определува дека сите службени информации и други особено важни податоци се регистрираат рачно или електронски, и се однесуваат на повеќе категории, како што се: имиња на гранични службеници надлежни за гранични проверки и нивните податоци во врска со задолжување на штембили, уапсени лица и жалби, лица на кои им е одбиен влез,  жалби од лица кои се подложени на проверки итн.

Вреди да се напомене и најновото дополнување на Шенгенскиот граничен кодекс од 2013 година, во врска со “деталните проверки“ на лица, каде што се пропишува обврска на граничната служба, на лицето да му даде “писмена информација на јазикот што го разбира или основано се претпоставува дека го разбира, или на друг соодветен начин, за целта на процедурата за таква проверка“ со напомена дека странецот може да побара име или идентификациски број на службеникот што ја извршил “деталната проверка“, називот на граничниот премин и датумот кога истиот е преминат. Заштитата на странците и нивните податоци во врска со патувањето е предвидена и преку можноста, по барање на лицето, да не се изврши внесување на влезно/излезен печат во патниот документ, доколку таквото внесување “може да предизвика сериозни потешкотии за тоа лице“ (член 10) туку, истото се извршува на посебен образец/лист. Надлежниот орган прибира статистички податоци за такви случаи и ги доставува до Европската Комисија.

Во насока на обезбедување потребни предуслови за правилно спроведување на утврдените стандарди, Шенгенскиот граничен кодекс пропишува обврска на земјите-членки за обука на персоналот за правилата на граничната контрола и за фундаменталните права. Со цел олсенување во секојдневното работење на граничните службеници во примена на Шенгенскиот граничен кодекс, изготвен е посебен Прирачник со примери од пракса и совети за правилно постапување[6], што на редовна основа се ажурира согласно измените на Шенгенскиот граничен кодекс.

На крајот, Шенгенскиот граничен кодекс во еден член на анексот 6, поконкретно се осврнува на заштитата на личните податоци утврдувајќи ја генерално можноста на граничните службеници за пристап до ИТ системи за процесуирање на личните податоци (согласно член 7 од Шенгенскиот граничен кодекс) при што “им се дозволува на земјите-членки да воспостават технички и организациски безбедносни мерки, утврдени со законодавството на Унијата за заштита на личните податоци од случајно или незаконско уништување или ненадејно губење, неовластено откривање или пристап, вклучувајќи го пристапот на органите на трети држави“ (држави што не се членки на ЕУ).

Сите наброени параметри, повторно не враќаат на првичните согледувања, а тоа е дека Шенгенскиот граничен кодекс на генерално рамниште ги утврдува рамките на функционирањето на граничните служби, најчесто само ги наведува референтните документи (зад кои стојат бројни други критериуми и стандарди) а во случајот на заштитата на личните податоци ја дава генералната рамка преку обврската за примена на релевантните одредби на Повелбата за фундаментални права на Европската унија и законодавството на Унијата како што е нотирано во анекс 6. Останува секоја земја-членка (како и земјите што се во процесот на пристапување во ЕУ и усогласување со законодавството на ЕУ) максимално да работат на зајакнување на своите административни и технички ресурси, користејќи ги најдобрите пракси и размена на искуства, како и релевантните прирачници наменети за подетална разработка на чувствителните прашања.

 

[4] Легислативната основа за функционирање на СИС, втемелена е во два акти: Регулативата бр.1987/2006 на Европскиот Парламент и на Советот од 20.12.2006 година за воспоставување, работење и користење на Шенгенскиот информациски ситем од втора генерација (СИС 2) и Одлуката 2007/533/ПВР на Советот, од 12.06.2007 година за воспоставување, работење и употреба на втората генерација на Шенгенскиот информациски систем (СИС 2).