Додека возите, насмевнете се!

Пишува: м-р Елена Стојановска, советник за меѓународна соработка и односи со јавноста во Дирекција за заштита на личните податоци

Трендот на поставување на камери на крстосниците и на други одбрани места на сообраќајниците продолжува, а целта која се очекува да биде исполнета е побезбеден сообраќај. Истовремено, се поставува прашањето дали ваквиот начин на следење на однесувањето на учесниците во сообраќајот е дозволено и согласно кои законски норми се спроведува.

Одредбите од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 103/08, 124/10, 135/11) се применуваат и на обработката на личните податоци преку вршење на видео надзор, освен ако со друг закон поинаку не е предвидено. Контролорот, во овој случај Министерството за внатрешни работи, може да врши видео надзор ако тоа е потребно за заштита на животот или здравјето на луѓето, заштита на сопственоста, заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата или обезбедување на контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории.

Согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, член 411, („Службен весник на РМ“ 123/2012) полицијата е овластена да постави уреди за снимање на јавни места на кои се одвива сообраќај и на кои може да се извршуваат прекршоци од областа на сообраќајот на патиштата, согласно со закон. Под снимање, во смисла на овој закон се подразбира постојан видео надзор над јавните места. Снимањето може да се врши и со посебни возила на Министерството за внатрешни работи опремени со посебни уреди за таа намена. Снимениот материјал се чува во Полицијата шест месеца, по што материјалот се уништува, освен материјалот што претставува доказ во кривична или прекршочна постапка, со кој се постапува, согласно со закон.

И покрај постоењето на овој законски основ, контролорот кој врши видео надзор е должен да истакне известувања кои ќе мора да бидат јасно, видливи и истакнати на начин што им овозможува на субјектите на лични податоци да се запознаат со вршењето на видео надзорот.

Од Министерството за внатрешни работи на РМ информираат дека: „Мониторинг Центарот е еден од најсовремените и најмодерните, направен по урнек на Ев ропските метрополи. Центарот ги исполнува сите меѓународни стандарди, како во поглед на пристапот така и во поглед на обработката и чувањето на податоците.

Во Центарот работи исклучиво обучен и професионален кадар на кого приоритет во нивното работење им е почитувањето на човековите права и доследност на целосно почитување Законите во Република Макеоднија. До моментов нема никакви забелешки за работењето на проектот “Безбеден град” и вработените таму.

Уште при инсталирањето на безбедносниот видео надзор, Министерството за внатрешни работи ги обележа локациите на кои се поставени камерите, но за жал несовесни граѓани отстранија голем дел од нив. Но, и покрај тоа МВР продолжува редовно да ги информира граѓаните за поставениот видео надзор преку медиумите, а исто така и користејќи го веб сајтот на министерството.“