Можеме ли навистина да се заштитиме?!

Пишува: м-р Лилјана Пецова-Илиеска, советник за Европски интеграции и спроведување на проекти во Дирекција за заштита на личните податоци

Јавноста беше силно вознемирена кога се појави PRISM, таен програм за масовно електронско следење на податоци, управуван од страна на Националната агенција за безбедност (NSA) на САД. PRISM е всушност кодирано име на програмата којашто собира податоци кои се чуваат на интернет комуникациите, врз основа на пребарувањата направени на интернет компаниите, како на пример Google. Не постојат индикации како и на кој начин податоците се обработуваат, откако ќе бидат „хакирани“ и анализирани и какви контролни механизми се поставени за да се заштитат на новата локација. Она што е повеќе од јасно е дека дебатата за PRISM и прашањата кои беа поставени, секако не ги одговорија најважните: прашањето за приватноста и тајноста, како и заштитата на личните податоци.

Во оваа насока беше и изјавата на Вивиен Рединг, Заменик Претседател на Европска Комисија и ЕУ Комисионер за правда, дадена на 14 јуни 2013 год, дека дебатата за PRISM може да влијае на преговорите за ЕУ-САД „Договорот за слободна трговија“. Таа рече: "[За] да бидат успешни преговорите за договор за трговија [...], треба да постои доверба, транспарентност и јасност меѓу преговарачките партнери. Со ова се исклучува шпионирањето на институциите на ЕУ." Во момент кога и РГ 29 со писмо, реагираше на овие случувања и кога изразија силна загриженост во однос на повредата на основните човекови права и заштитата на личните податоци, повеќе од очигледно беше дека е потребно да се унапредат реформите во ЕУ и дебатата која засилено се води во последниот период во Европскиот Парламент да придонесе кон брзо усвојување на предлозите за промена во областа на заштита на податоци и во приватниот и во јавниот сектор, како неопходен и приоритетен чекор за одбрана против програми како што е PRISM.

Имајќи го предвид брзиот развој на новите технологии, како прв чекор кон зголемување на злоупотребата на лични податоци, Дирекцијата за заштита на лични податоци на РМ ја увиде потребата од зголемување на свеста кај јавноста, како и промена на перцепцијата на граѓаните за нивното право за заштита на приватноста. Со оглед на неодамнешните случувања, како и спроведеното истражување, повеќе од јасно е дека многумина го користат интернетот и социјалните мрежи, а околу 80 % од испитаниците имаат ниска свест за процедурата за пријава за злоупотреба на личните податоци. Оттаму креираше Комуникациска Стратегија, документ во кој ги дефинираше влијателните групи во општеството (академици, професори, новинари, градоначалници, итн.) кои ќе создаваат позитивно мислење и ќе едуцираат кон зголемување на свеста за правото на заштита на лични податоци. Со цел да се воспостави постојана комуникација која ќе креира јавна свест во областа на заштитата на личните податоци, како и со цел да се оствари препознатливост на идентитетот и работата на Дирекцијата за заштита на лични податоци, потребно беше да се препознае идејата и намерата преку остварување на меѓусебна соработка со повеќе партнери, иницијативи и организации. Во соработката со Амбасадата на Хрватска во РМ, Комуникациската Стратегија најде простор за своја реализација.

Во таа насока, Амбасадорот на Хрватска во РМ, Н.Е. г. Златко Крамариќ, ја препозна позитивната порака и целта на активностите и изрази целосна поддршка и цврста волја и изјави: "Големиот брат" (Џорџ Орвел) кој гледа сè, воопшто не е книжевна фикција, тоа е нашата груба (и единствена!) реалност. Сите наши движења, сета наша приватност, нашиот свет на интимност, нашите обични разговори, бенигни размени на мислења, нашите најдлабоки и најискрени емоции, не се само наши движења, наши разговори, наша мала тајна, туку веќе ги делиме со нечиј "сèзнаечки поглед", "љубопитни уши"! И она што е најтрагично е тоа што ние сме свесни за тоа, но тоа не нè возбудува премногу, ние, всушност, сјајно се вклопуваме во овој Орвеловски проект на живеење! Токму поради овие причини, важно е да се даде поддршка за секоја иницијатива, особено оние кои институционално ќе го регулираат и овој (исто така) важен дел од нашите животи. Затоа, претставува исклучителна важност да се сензибилизира јавноста, особено младите луѓе, студентите, академската заедница, професорите, новинарите, „слабите“ субјекти (а денес сите ние сме, повеќе или помалку, "слаби субјекти“) на оваа тема и да се овозможи јавноста да почне да зборува, да мисли... бидејќи само "регулирана јавност", во која јасно функционира поделбата помеѓу "приватно" и "јавно" може да ни го гарантира правото на нашата приватност/интимност. Само во рамките на "регулирана јавност" може да се практикуваат сите универзални либерално- демократски вредности: слобода на изразување, говор, правото на информации, правото на друго мислење, т.е. несогласување и однесување, што во никој случај не се меша со размислувањето и однесувањето на другите, и само таква јавност може да го суспендира оној неподнослив "терор на анонимност," којшто новата технологија, интернетот и другите социјални мрежи, на "мала врата“ го воведоа во нашите животи.“

Во момент кога Европската Унија презема врз себе сè повеќе одговорности и кога прашањето за Буџетот на ЕУ покрена многу дискусии во Европското семејство, се чини дека  кога станува збор за заштитата на приватноста и личните податоци, секој еден од нас го препознава значењето и влијанието на заштитата на приватноста врз севкупното живеење. И тука воопшто не се доведени под прашање буџетските импликации при промена на регулатива, како во ЕУ рамки, така и во национална перспектива. Едноставно, заштитата на личните податоци и приватноста, како основно човеково право, претставува императив, приоритет во секоја смисла. Она што останува како дилема е: Ќе успееме ли доволно да се заштитиме?!