Под будното око на шефот!

Пишува: м-р Елена Стојановска, советник за меѓународна соработка и односи со јавноста во Дирекција за заштита на личните податоци

Дали вработените во фабрики, конфекции, производствени погони може да бидат надгледувани од страна на работодавецот преку систем за видео надзор и дали може да бидат поставени скриени камери?

Работодавците и вработените често се предмет на дискусиите за примената на законите за заштита на личните податоци. Без разлика на тоа дали приватноста на вработените е заштитена со закон, нејзиното почитување се смета за додадена вредност во работната култура на една компанија. Вработените очекуваат приватност на работното место, иако се наоѓаат во простории на компанијата и користат опрема на компанијата. Многу често во службените простории се инсталира и видео надзор за што постојат и посебни одредби во Законот за заштита на личните податоци. Имено, работодавецот може да врши видео надзор во службени или деловни простории доколку тоа е потребно за заштита на животот или здравјето на луѓето, заштита на сопственоста, заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата или обезбедување на контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории.

Во посочениот случај на видео надзор над вработените во фабрики, конфекции, производствени погони, системот може да биде поставен, но само заради заштита на животот и здравјето на вработените поради природата на работата (на пример, доколку работата на специфични машини може да го доведе во опасност физичкото здравје на вработениот). При поставувањето на видео надзор на овие места, задолжително треба да се внимава на аглите на насоченост на камерите и резолуцијата на снимање.

Работодавецот задолжително ги известува вработените за вршење на видео надзор во службени или деловни простории, инсталирање на скриени видео камери од страна на работодавачот претставува јасно прекршување на одредбите од Законот за заштита на личните податоци. Ако работодавецот сака да инсталира видливи камери за наведените цели, ќе биде обврзан да го регулира начинот на извршување на видео надзорот со посебен акт и да ги извести вработените за камерите, односно видео надзорот. Во „Законот за заштита на личните податоци“ точно се предвидени местата каде што е забрането вршењето на видео надзор, а тоа е во гардероби, соблекувални, санитарни јазли, лифтови и други слични простории. Зголемениот интерес за примената на начелата за заштита на личните податоци од страна на текстилните компании, но и зголемениот број на претставки кои Дирекцијата ги има добиено во врска со заштитата на приватноста на работното место, особено при користењето на видео надзорот беа поттик за Дирекцијата и Текстилно трговско здружение – Текстилен кластер својата идна соработка да ја одбележат со Меморандум за соработка.

До крајот на оваа година ќе бидат организирани неколку обуки за членовите на Кластерот во врска со спроведувањето на прописите за заштита на личните податоци во нивното работење. Со потпишувањето на овој Меморандум, Дирекцијата за заштита на личните податоци и Текстилно трговско здружение – Текстилен кластер ја истакнаа својата заложба за спроведување на одредбите за заштита на личните податоци во Република Македонија во оваа област.