Со воведувањето на правниот концепт за заштита на личните податоци, приватноста станува компонента на новото општество, а не само индивидуална потреба

Димитар Ѓеорѓиевски, директор

Дирекцијата за заштита на личните податоци (ДЗЛП) е основана на 22 јуни 2005 година како независен државен орган со својство на правно лице чија мисија е обезбедување транспарентност и информираност на граѓаните за правото на заштита на личните податоци. ДЗЛП е основана со Законот за заштита на личните податоци чие донесување значи и воспоставување на нов концепт во Република Македонија кој подразбира вклучување на правото на приватност во правниот систем, заштита на уште едно од основните човекови права - правото на приватност.

Остварувањето на мисијата ДЗЛП го реализира преку исполнување на надлежностите кои произлегуваат од Законот за заштита на личните податоци. Како секој закон кој штити човеково право, така и овој закон дава бројни обврски за контролорите, односно, оние кои ги собираат и обработуваат личните податоци, а на граѓаните како субјекти на личните податоци им дава права чие почитување ја гарантира заштитата на приватноста.

Сервис за граѓаните

Законот за заштита на личните податоци на граѓаните им дава право на информираност за тоа кој ги собира нивните лични податоци и за кои цели, право да пристапат до збирките на лични податоци и право на исправка и бришење на личните податоци кои се погрешни или се чуваат подолго од законски предвидениот рок.

Граѓаните можат да го остварат своето право на заштита на личните податоци преку користење на неколку правни механизми:

  • Барање за утврдување на повреда на правото на заштита на личните податоци
  • Иницијатива за вршење на инспекциски надзор
  • Претставка

Репресивен и превентивен механизам на делување

Особено внимание ДЗЛП посветува на вршењето на инспекцискиот надзор како една од носечките надлежности. Инспекциските надзори се планираат на годишно ниво одредувајќи приоритетни области за инспектирање. Надзорите кои се вршат согласно Годишната програма се редовни, но како механизам за дополнителна проверка се вршат и контролни надзори. По барање на граѓаните, ДЗЛП врши вондредни инспекциски надзори кај компанија или институција за која граѓаните со сомневаат дека извршила злоупотреба на нивните лични податоци. Во изминатата година беа постигнати бројни резултати кои прикажуваат континуиран пораст. Спроведувањето на вкупно 386 надзори значи остварување на резултатите и создавање на стабилен институционален капацитет. Компаниите и институциите кои се предмет на инспекција од страна на ДЗЛП добиваат записници со кои се утврдува степенот за усогласеност со Законот за заштита на личните податоци (http://dzlp.mk/mk/inspekcija).   

Освен репресивниот механизам на делување преку вршење на инспекциски надзори, ДЗЛП е особено насочена кон превентивното делување кое го реализира преку вршење на обуки на заинтересираните компании и институции. Зголемениот интерес на компаниите и институциите за обуките кои се реализираат согласно Годишна програма укажува на успехот на ДЗЛП на непосреден начин да соработува со контролорите кои неретко ја користат и можноста своите акти за заштита на личните податоци да ги доставуваат на мислење, а со тоа да добијат стручна помош во процесот на нивното усогласување со начелата за заштита на приватноста (http://dzlp.mk/mk/obuki).

Нови тенденции на современото општество

Развојот на информатичката технологија, зголеменото користење на социјалните мрежи, on-line комуницирањете се предизвици за нашата област на делување. Размената и преносот на лични податоци во други држави, користењето на cloud computing како нов механизам за чување податоци во бизнис работењето на голем број компании, организации, институции сè повеќе ја наметнува потребата за јакнење на капацитетите на ДЗЛП но и за јакнење на соработката со компаниите и институциите. Заштитата на личните податоци навлегува во мноштво области од секојдневното делување, а многу често е една од претпоставките за одговорното работење на компаниите и институциите.

ДЗЛП стои на располагање на сите компании и институции како и на граѓаните кои можат дополнително да се информираат за остварувањето на правото на приватност на www.privacy.mk